Центар за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција за возрасни лица со аутизам, ќе биде отворен денес во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид. На отворањето на центарот најавено е присуство на министерот Венко Филипче.

Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“, непрофитна и хуманитарна асоцијација. Проектот се реализира со поддршка на Министерство на здравство кое ги отстапи просторите за користење во рамки на болницата Св. Еразмо. Реконструкцијата и опремувањето на центарот, пак, е финансирано од страна на амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во Скопје.

До крајот на годината, во Охрид ќе почне со работа и Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција днаменет за ран третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Овој центар, наменет за деца на возраст од 2 до 8 години ќе биде сместен во охридската Општа болница.

Идејата е Охрид да прерасне во регионален центар за грижа за лицата со аутизам.

Центрите ќе ги опслужува високо професионален тим составен од: специјални едукатори, рехабилитатори, логопеди, семејни и клинички психолози. Освен третманите на лицата со аутизам ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел подобра грижа на лицата со аутизам.

OhridNews

Охрид добива современ регионален Центар за аутизам