Во Белград утринава е уапсен Драгослав Космајац, кого српските власти го сметаат за најголемиот нарко дилер во Србија и еден од најголемите трговци со дрога во регионот, а на вонредната прес-конференција на тамошното министерство за внатрешни работи, акцијата е споредена со случајот на легендарниот американски мафијаш Ал Капоне, имајќи предвид дека Космајац, е уапсен под обвинение за затајување данок, а не за трговија со дроги.
Драгослав Космајац и уште седуммина уапсени, се осомничени за соработување во кривични дела, и им е одреден 48-часовен притвор, а добиле адвокат по службена должност, бидејќи во Србија веќе два месеца трае штрајкот на околу 8.500 адвокати.
Космајац бил уапсен во неговата куќа во Белград по четиримесечна истрага, четворица од неговите соработници се уапсени во Сремска Митровица, а другите во Белград и сите се државјани на Србија, изјави на прес-конференцијата министерот на полицијата, Небојша Стефановиќ.
Во јуни годинава, српскиот премиер Александар Вучиќ, образложувајќи ги смените на шефовите на полициските управи, Космајац го означи како најголем нарко-дилер во Србија, тврдејќи дека во полицијата постои силен отпор тој да биде подвргнат на сериозна истрага и да го уапсат.
OhridNews
извор Макфакс