Противниците на одржување „Европорајд 2022“ во Белград денеска се судрија со српската полиција во близина на Собранието.
Инцидентот почнал кога противниците почнале да фрлаат со шишиња врз автомобилите, ги пцуеле новинарските екипи и се расправале со полицијата.
Според порталот „Нова.рс“ помеѓу противниците бил и расчинетиот монах Антониј, кој со шише го погодил во стомак снимателот на Н1. Нападот е пријавен во полиција.
Полицијата во повеќе делови од Белград уапси десетици луѓе, меѓу кои и расчинетиот монах Антониј.
Медиумите јавуваат и за повеќе повредени лица.
Организаторите на „Европрајд“ изјавија дека и покрај забраната нема да го откажат настанот. Тие ги повикаа учесниците да почнат да се собираат во 16 часот, но групи противници на маршот од утрово се собираат во мали групи во центарот на Белград.
Порталот „Нова.рс“ објави дека по дипломатските напори во преговорите меѓу Европска Унија и кабинетот на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, постигнат е договор според кој ќе биде дозволено одржување на „Европрајд“.
„Постигнато е компромисно решение со кое ќе се овозможи „Европрајд“, по заложбите на еврокомесарката за еднаквост Хелена Дали во нејзиниот личен ангажман за време на преговорите со премиерката“, објави „Нова.рс“.
Дали е во Белград, како и бројни претставници од ЕУ како поддршка на овогодишниот „Европрајд“и остварувањето на правата на ЛГБТК плус заедницата во Србија.
OhridNews