Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој денеска отпатува во Белград да го проследи ракометниот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Полска, оствари работна средба со претседателот на Република Србија, Борис Тадиќ.

Претседателот Иванов упатил честитки до својот српски колега за беспрекорната организација на Европското првенство во ракомет, изразувајќи очекување на претстојниот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонија и Србија да се покаже фер игра и да победи подобриот.


Иванов на српскиот колега му подари репрезентативен дрес

Како штом информираат од кабинетот на претседателот Иванов, двајцата соговорници изразиле задоволство од ефектите од неодамнешната официјална посета на претседателот Тадиќ на Република Македонија. Заедничка е оценката дека зачестените средби и личните односи меѓу двајцата претседатели, како и заедничката определба за европска иднина, стабилност и просперитет на регионот, мошне позитивно влијаат на зајакнување на добрососедските односи и максимизирање на соработката во сите сфери.


-Претседателите Иванов и Тадиќ уште еднаш го потврдија ставот за приоритетно посветување на економијата, на енергетските и инфраструктурните поврзувања. На средбата, двајцата претседатели разменија и мислења и информации за состојбите во регионот. Претседателот Иванов изрази надеж за забрзано интегрирање на регионот во Европската унија, како и подготвеност за идна соработка и помагање меѓу двете земји во процесот на пристапување кон ЕУ, искористување на европските фондови и размена на искуства, се вели во соопштението од кабинетот на шефот на македонската држава.

OhridNews