Активистите на невладината организација „Слобода“ и младите активисти на СПС до градското собрание во Белград поднеле иницијатива за изградба на споменик на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ. Тие, исто така, бараат според поранешниот лидер на Југославија и Србија да се именуваат една улица и плоштад во главниот град, пренесува „Вечерње новости“.

Според весникот, иницијативата на градските власти им била врачена денеска напладне, а истата била доставена и до претседателството на Србија.

Подносителите на иницијатива веруваат дека „Милошевиќ е еден од најголемите државници во историјата на модерна Србија, кој не дозволил никој да го понижи српскиот народ и ја бранел земјата од НАТО“. Токму поради тоа тие сметаат дека Србите имаат морална обврска да му се оддолжат на ваков начин.

Инаку, на 11 март ќе се навршат 12 години од смртта на Милошевиќ. Неговото безживотно тело беше пронајдено во Хашкиот трибунал, во неговата ќелија во 2006 година. Милошевиќ и членовите на неговото потесно семејство беа на листата на лица на кои им беше забрането да влезат во Европската Унија. За него се врзува промената на политиката во Србија од крајот на осумдесеттите години на минатиот век.

OhridNews

Макфакс