Во белгискиот град Бриж, голем проблем во зачувувањето на самиот град со улици поплочени со камен, но и средновековни градби, претставуваат бројните камиони кои превезуваат пиво од старата пивара „De Halve Maan“ која се наоѓа во самиот центар на градот. Секоја година повеќе од 500 цистерни со пиво минуваат низ градските улици, што е дури 85 проценти од камионскиот сообраќај во центарот на градот. Уморни од вревата, загадувањето и оштетувањата кои ги предизвикуваат камионите, градските власти одобриле изградба на првиот „пивовод“ на светот.
Цевоводот кој ќе биде со должина од три километри ќе се изгради од пиварата до блиската индустриска зона во која пивото ќе се флашира и потоа ќе се доставува ширум светот. Пивото во оваа пивара се произведува пет векови, а пиварата годишно ја посетуваат повеќе од 100 илјади туристи. Постапката за флаширање на пивото одамна е преместена, но самото производство останало и ќе остане во самиот центар на градот. При изградбата на првиот пивовод ќе се користат најнови технологии, развиени при конструирањето на нафтоводите и гасоводите. Трошоците ќе ги сноси пиварата, а изградбата би требало да почне следната, 2015 година.