Најмалку 14 луѓе ги загубиле животите кога туристички автобус се превртел и удрил во друго возило на автопат во североисточна Шпанија, објави денеска националната спасувачка служба, пренесува „Макфакс“.

 

Несреќата се случила во близината на пристанишниот град Тарагона. Телевизиската мрежа ТВ3 објави дека возачот ја загубил контролата над автобусот, се превртел и се судрил со автомобил кој доаѓал од спротивниот правец.

Во автобусот имало повеќе од 60 меѓународни студенти кои студирале на Универзитетот во Барселона, кои се враќале од фестивалот Лас Фалас во Валенсија, кој се одржува секој март и привлекува многу странски и домашни туристи, објави шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Неколку патници се повредени, но сé уште нема потврда за нивниот број, како и за степенот на повредите. Според медиумите, на местото на несреќата испратени се најмалку седум возила на итната медицинска помош.

Засега не е познато ниту од кои земји се жртвите.

OhridNews