Британскиот писател со индиско потекло Салман Ружди денеска бил нападнат на настан во западниот дел на државата Њујорк, јавија локалните медиуми.

Полицијата во округот Читаква, каде што требало да зборува Ружди, потврди дека едно лице е избодено со нож, без да го идентификува лицето.

Американски медиуми јавуваат дека Ружди бил прободен со нож во вратот и итно бил пренесен во болница.

Ружди (1947) е познат по неговата книга „Сатански стихови“, која е забранета во Иран од 1988 година.

Писателот во Велика Британија беше принуден да се крие една деценија откако иранскиот ајатолах Хомеини издаде верски декрет (фатва) една година подоцна, со кој им нареди на верниците да го убијат писателот поради наводната навреда на исламот во романот.

Во 1998 година, иранската влада објави дека не ја поддржува фатвата, но и дека нема да ја повлече.

Според исламската доктрина, еднаш изречената фетва никогаш не може да се повлече, особено ако лицето што ја изрекло починало во меѓувреме, како што беше случајот со Хомеини (1902-1989).

Ружди влезе во светот на литературата во 1981 година со романот „Децата на полноќта“, сместен во неговиот роден Мумбај, чие дејство започнува на полноќ на 15 август 1947 година, во моментот кога Индија се стекнува со независност од Велика Британија.

OhridNews
Фото: Миа