Министерството за внатрешни работи  приведе 24- годишно лице од Скопје, кое беше недостапно за органите на прогонот, а се бараше во рамки на Оперативната обработка „Ќелија“.

По претходно преземени мерки и активности, осомничениот бил лоциран и лишен од слобода во близина на Бит Пазар по што бил предаден на надлежниот Јавен обвинител и спроведен во истражен затвор за издржување на претходно изречената мерка Притвор во времетраење од 30 дена. При приведувањето не се регистрирани инциденти и немало употреба на средства за присилба.

Приведениот е еден од 36-те осомничени лица за кои од досега обезбедените докази до Основно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „Учество во странска војска, полиција, паравоени и параполициски формации“ предвидено и казниво по член 322-а од Кривичниот законик на Р.Македонија. Вклучувајќи го и него, вкупно 10 лица од осомничените досега се обезбедени, додека по останатите 26 кои се недостапни, сеуште се трага.

Според сомненијата , лицето било логистичар на групата, но во неколку наврати имал и неуспешни обиди да замине за Сирија. Инаку намерата за неговото заминување за Сирија се претпоставува дека е поради извршување на логистички активности за потребите на џихадистите во Сирија кои се по потекло од земјава.

 
OhridNews