Вљубениците во природата кои често го посетуваат и се релаксираат во националниот парк Галичица реагираат поради лошата состојба во која се наоѓаат патоказите. Може да се види дека голем дел од нив се оштетени, или воопшто не се употребливи. Посетителите бараат, во што пократок рок, надлежната институција да ги замени со нови.

Од ЈУ Национален парк Галичица најавуваат дека обновувањето на системот на патеки ќе се изврши во текот на наредната година.

  • Имајќи го во предвид исклучително големиот интерес и редовната посета на дел од патеките, Јавната установа Национален парк Галичица, планира во текот на 2019 година да изврши целосна обнова и надоградба на системот на патеки и да воспостави негово редовно одржување, изјави за OhridNews директорот на ЈУ Национален парк Галичица, Андон Бојаџи. Тој додава дека лошата состојба во која сега се наоѓаат патеките е резултат на објективни, но и субјективни околности поради кои системот не се одржувал редовно.

Инаку, системот на патеки во Национален парк Галичица, воспоставен е во текот на 2009 и 2010 година во рамките на проектот „Подршка на Национален парк Галичица“ финансиран од KfW банката од Германија. Системот беше развиен од страна на Јавната установа Национален парк Галичица во соработка со Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина и Планинско друмскиот велосипедски клуб Екодром. Се состои од патеки за пешачење и патеки за планински велосипедизам, опремени и обележани на стандарден меѓународно прифатен начин.

Т.К.