Во природните катастрофи во текот на 2010 година животот го загубија 295.000 лица, а проценета е штета од 130 милијарди долари, што претставува најголеми бројки во последните 30 години, соопшти германската осигурителна куќа „Муних Ре“.

Како што пренесува „Макфакс“, оваа куќа која е број еден во светот во текот на 2010 година забележала вкупно 950 природни катастрофи, во споредба со просечните 615 природни катастрофи во последните 30 години.

Во минатогодишните природни несреќи има четири пати повеќе загинати во однос на просечната бројка од 1980 година.

Минатата година загинаа 295.000 лица, а во минатите 30 години во природните катастрофи годишниот просек  изнесува 66.000.

Штетите во 2010 се проценети на 130 милијарди долари во споредба со 95 милијарди кои се просечна годишна штета во последните три децении.

Најмногу настрадани има во земјотресот на Хаити кои се случи во јануари во кои загинаа 225.570 лица, по него следи топлотниот удар и шумските пожари во Русија со 56.000 загинати и априлскиот земјотресот во Кина со 2.700 мртви.

Катастрофите кои причинија најголема материјална штета, без разлика дали добрата биле осигурани или не, е февруарскиот земјотрес во Чиле со причинета материјална штета од 30 милијарди долари и 520 загинати, поплавите во Пакистан кои се случија во јули и септември предизвикаа штета од 9,5 милијарди долари и 1.760 мртви.

Кога станува збор за најразвиените земји, западна Европа беше погодена од олујата Синтија во февруари која однесе 65 животи и нанесе штета од 6,1 милијарди долари, додека торнадата во Соединетите Американски држави причинија штета во вредност од 4,7 милијарди долари.

OhridNews
извор:„Макфакс“