Ако се докаже дека досиејата се точни, произлегува дека Владата на Љубчо Георгиевски била сменета со војна. Ова е констатација на поранешниот премиер и почесен претседател на ВМРО-Народна партија, Љубчо Георгиевски во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“.

„Сметам дека досиејата кои што во моментов се актуелни во Македонија, се однесуваат на лидерите на Демократската унија за интеграции (ДУИ), кои беа и раководители на ОНА. Ова што се случува денес, најверојатно е поради финансиски бенефиции на оние кои ги даваат таквите документи. Самото појавување на поранешниот раководител на УДБА, кој јавно кажа дека постоеле такви досиеја и такви луѓе, ако погледнеме од политички аспект, повторно станува збор за дискредитирање на Србија. Мислам дека некој поранешен удбаш нема да си дозволи свесно да ја деградира политиката на Србија. Затоа сметам дека станува збор за приватни интереси, за некој кој платил за тие досиеја и некој кој ги купил овие досиеја. Тоа е моја проценка. Не е кажано, сепак дека е точна. Она што е интересно во целата историја е дека тие досиеја се однесуваат на луѓе кои за време на 2001 година ја направија војната во Македонија. Затоа мојата констатација е дека, ако излезе дека досиејата се точни, владата на Георгиевски во 2001 година била симната со војна“ вели Георгиевски.

Во интервјуто, Георгиевски вели дека е изненаден од тоа што македонската влада многу малку работи на тоа, да ги побара досиејата од официјален Белград.

 “Повеќе слушаме дека Белград нема да ги даде, а официјално никој не ги ни побарал“ вели Георгиевски.

 Тој додава дека од расветлувањето на досиејата и на се што останало од 2001 година имаат интерес и Македонците и Албанците, како и демократска Србија.

„Сите треба да се бориме против тие стари структури кои сè уште ги контролираат нашите држави“ додава Георгиевски.

OhridNews
извор:„Макфакс“