Разрешница на судските процеси против струшкиот градоначалник Рамис Мерко за незаконско поставување директори на училишта најавено во јуни кога се закажани следните рочишта.

Во Струшкиот суд денес беа одржани рочиштата за незаконско поставување директори на училишта во Лабуништа, Радолишта, Подгорци и „Браќа Миладиновци“ во Струга, како и за училиштето во Велешта, за кое се води одвоен предмет.

Во судницата со полициска асистенција беа донесени сведоците за незаконски поставените директори на училиштата во Радолишта, Подгорци и Лабуништа, на барање на судечкиот судија Јордан Јованов, а поради нивно непојавување на претходните рочишта

Сведоците се обезбедени со полициска асистенција. Остануваат уште двајца сведоци во наредното рочиште и тоа би било. На наредните рочишта во јуни ќе биде сослушана и одбраната на обвинетите, којашто секогаш доаѓа на крај. Веќе сме дојдени до тој стадиум од постапката кога ќе ја слушнеме и одбраната, изјави судијата Јованов.

За предметот за училиштето „Зини Хани“ во Велешта, каде покрај Мерко за незаконски поставен директор се товари и директорката Егзона Шеј, за фалсификување дипломи, рочиштето беше одложено поради не појавување на сведокот Урим Каба, поради здравствени причини.

Овде беше кажано дека сведокот поради здравствени причини е спречен да се јави на расправата. Судот доби потврда дека навистина е така, овојпат не се работи за некаков изговор. Во меѓувреме се обезбедени сите механизми за на наредната расправа да го обезбедиме неговото присуство, информира судијата Јованов.

Посочи дека листата на докази е исцрпена и по сослушувањето на тој сведок, на следната расправа ќе бидат сослушани и обвинетите и предметот ќе биде завршен.

Адвокатот на обвинетата Егзона Шеј, Димитрија Цобоски, посочи дека за да се гони некој за фалсификување исправа, треба да се покрене постапка против тие што ја фалсификувале.

За овој предмет е специфично што се гони некој за фалсификување за облик од кривично дело употреба на фалсификувана испрва, без да се утврди и да се даде доказ дека станува збор за фалсификувана исправа и без да се покрене било која постапка против тие што ја фалсификувале испрвата. Затоа очигледно е дека тука нешто не е во ред, а ние тоа ќе го докажеме во текот на доказната постапка и сослушување на обвинетата, рече Цобоски.

Истакна дека за ова дело е предвидена затворска казна, но треба да се докаже дека на стрната на обвинетата има одговорност.

Но, во овој случај јас сум убеден верувајќи во непристрасноста на судот дека ќе докажаме дека на страна на Егзона нема кривично дело, додаде Цобоски.

Во Основниот суд во Струга против градоначалникот Мерко се водат судски процеси и за набавката на автомобил „Ауди А6“ и за незаконско поставување плоча – спомен обележје на влезот од општинската зграда.

OhridNews