Од почетокот на летото е евидентиран само еден случај на давење во езерските води, а во јули и август минатата година, Секторот за внатрешни работи од Охрид регистрирал три давења.
“Со намера да укажеме на опасностите од давење, смалување и елиминирање на давењата и потребата од поголема безбедност на вода, ги повикуваме концесионерите на охридските плажи, крајно сериозно да пристапат кон организирање и практично функционирање на спасувачки служби”, велат од канцеларијата за односи со јавност во Секторот за внатрешни работи – Охрид. Оттаму потсетуваат дека Општинската организација на Црвениот крст од Охрид врши професионална обука за спасители на вода која се спроведува од врвни домашни и странски обучени спасители на вода со меѓународни лиценци подготвени да се грижат за безбедноста на вода на капачите.
“Посебно ги молиме граѓаните да не ги игнорираат советите од спасувачите и секако од лекарите во насока на преценување на своите физички способности и тестирање на целокупната здравствена состојба. Особено е важно придржувањето до лекарските совети за постепено влегување во вода по подолга изложеност на сонце“, вели портпаролот Стефан Димоски и предупредува дека пливањето треба да се одвива само во рамките на означените зони на плажата.
Од СВР апелираат до родителите да водат грижа за престојот на нивните деца на плажите и да им укажат на опасностите при капење, особено на неуредените капалишта.
А.Ристоска