Внимавајте каква храна конзумирате”, апелираат од охридскиот Завод за здравствена заштита. Оттаму предупредуваат дека производите од  млеко и јајца се мошне чувствителни  на високите температури во овој период од годината, поради што можат да  бидат причина за труење.

Во текот на минатиот месец се регистрирани две труења со храна. Се работи за кондиторски производи кои содржат млеко и јајца“, вели директорот на Заводот, доктор Атанаско Михаилов.

Според него, контролите врз храната ова лето се прават со помал интензитет  за разлика од минатата година. “Поголемите објекти немаат проблем со чувањето и подготвувањето храна, најчесто проблем се малите лошо поставени објекти кои не ги исполнуваат минимално техничките услови“, додава доктор Михаилов.

Персоналот што работи во објекти каде што се  служи храна е должен да ги посетува обуките за ракување со храна што се одржуваат во Заводот за здравствена заштита, за што се добива и сертификат. Директорот појаснува дека  постои слаб интерес за обуките, а угостителите и трговците,  најчесто за нив се заинтересирани само откако ќе бидат посетени од страна на инспециските служби.

Дел од прехранбените продукти во колонијалните продавници и маркетите најчесто се  чуваат несоодветно. Таков е случајот и со лебот, кој без амбалажа се продава на места  што им се надофат на купувачите.

Александра Ристоска