Компјутерскиот криминал е најсофистицираниот криминал денеска во светот, а потенцијални жртви на измама се сите корисници на интернет. Ова беше истакнато на експертската работилница за борба против компјутерскиот криминал, што се одржа денеска во Охрид. На неа учествуваа обвинители и судии од 8 држави од регионот, како и експерти од областа на сајбер криминалот од ЕУ и САД.


Во Македонија за среќа има мал број предмети од областа на компјутерскиот криминал, кој е мошне раширен во светски рамки, изјави Владимир Милошески-јавен обвинител од Скопје. Тој објаснува дека во земјава најзастапени се компјутерските измами и фалсификувањето кредитни и дебитни картички.

„Корисниците на интернет мора да внимаваат кога оставаат лични податоци на интернет како матичен број, лозинка или број на кредитна картичка, како и на спам пораките“, вели Милошески. Тој советува дека граѓаните треба добро да проверат пред да дадат лични податоци на интернет.  Милошески посочи дека во МВР постои посебен оддел за борба против компјутерскиот криминал кој тесно соработува со обвинитетслтвото.

Македонија е потписник на Меѓународната конвенција за борба против компјутерскиот криминал, но потребно е да се покаже поголема иницијатива на терен, велат странските експерти. Тие се скептици околу податоците за обемот на компјутерскиот криминал во регионот, затоа што сметаат дека не се води доволно истрага за овој вид криминал. „Граѓаните не треба да стравуваат од употреба на персоналните компјутери но мора да внимаваат на сајбер криминалците. Особено опасни се таканаречените сајбер-роботи кои се инсталираат во потсистемите на компјутрерот и ги крадат вашите податоци“, предупредува Александар Сегер – експерт од Советот на Европа. Според него потребна е поголема соработка на надлежните служби во регионот во борбата против компјутерскиот криминал каде се’ позастапена е и детстката порнографија, но и злоупотребата на интелектуалната сопственост.

Според светските истражувања  99,7% од граѓаните интернетот го користат во нормални цели.

Г. Момироски