Инспекторите, со новиот закон ќе имаат поширок спектар на делување, а меѓу другото ќе ја контролираат и уреденоста на јавните површини пред колективните згради.
„Ваков закон требаше да се донесе од поодамна. Особено е важно што со него се предвидени и мандатни казни“, вели раководителот на Општинскиот инспекторат, Танас Танаскоски.
Глобата за непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота е различна за различни прекршоци. Триесет евра во денарска противвредност во мандатна постапка ќе им се изрекува на физички лица кои фрлаат на јавни површини отпадоци, отпушоци, мастики и предмети, или внесуваат домашни миленици во ходниците на јавни објекти, без претходно да добијат одобрение од надлежен орган. Толкава глоба за физичките лица е предвидена и доколку цртаат графити или лепат плакати на јавни места.
Со новиот закон ќе се казнува и нехигиената во јавните институции. За немање тоалетна хартија во санитарните јазли институцијата ќе биде казнета со 2.000 евра во денарска противвредност, а директорот со 1.000 евра.
Организаторите на јавни манифестации се должни да го соберат ѓубрето од јавната површина по завршувањето на манифестацијата, зашто во спротивно, ќе бидат казнети со 2.000 до 3. 000 евра.
Казна се предвидува и за локалната самоуправа ако таа, во зимски услови, не го исчисти снегот од јавните површини шест часа по започнувањето на снежните врнежи.