Поради внесени максимални 100 негативни поени во вашата возачка книшка, поради направени сообраќајни прекршоци, останувате и без можност за управување на вашето возило во период од 6 до 12 месеци, при што следи и престанок на важењето на возачката дозвола. За повторно да се добие возачка дозвола мора да се полага возачки испит. Иако ваквите одредби се содржани во законот подолго време, голем број од возачите не ги знаат, па по изрекувањето на ваквите казни се соочуваат со низа проблеми, велат од охридската Авто школа „Старс Инженеринг“.
Со над 100 негативни поени се изрекува прекршочната санкција, при што полицискиот службеник доставува барање за поведување прекршочна постапка до надлежниот суд за изрекување на прекршочна санкција-престанок на важење на возачката дозвола во категоријата на моторното возило за кое се постигнати тие 100 негативни поени. Возачите на кои им е изречена оваа санкција, повторно може да се стекнат со право да управуваат со возило откако повторно ќе положат возачки испит, а за да го полагаат возачкиот испит мора да поминат најмалку 6 месеци од забраната, односно изрекувањето на прекршочната санкција. Во полиција мора да добијат потврда дека им е одземена возачката дозвола и дека изминал период од 6 месеци.
- Беше дилема дали ќе треба повторно да поминат обука по редовна постапка или само да полагаат возчаки испит без дополнително земање обука. Тоа беше недореченост и не знаевме каде ваквите лица да ги упатиме. По консултации со МВР добивме информација дека тие можат да повторно да полагаат, без потврда од Авто школа што е онаа редовна постапка, туку само со потврда издадена од МВР. Понатаму, лекарско уверение, повторно мора да се полага за прва помош, да се достави документ за образование и лична карта, како и да се плати потребниот износ. Мора да полагаат тест, полигон и градско возење со приложени документи за да се стекнат со уверение за положен возачки испит за да може да им се врати категоријата која им била одземена, нагласува Соња Шикалоска, сопственик на „Старс Инженеринг“.
Шикалоска нагласува дека возачите треба да бидат особено внимателни кога станува збор за брзината со која го управуваат возилото. Преголемата брзина е најчестата причина за сообраќајните незгоди, но и одземањето на возачката дозвола претставува проблем, особено тежок за оние на кои управувањето со возило им е дел од работните обрски.
Престанокот на важењето на возачката дозвола нема да биде изречена освен ако поминале повеќе од 3 години од правосилноста на одлуката за прекршокот.
OhridNews