За време на продолжениот викенд Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид ги предупредува сите љубители на планините и снежните авантури, за особено лошите услови кои ќе владеат на повисоките планини, со континуирани врнежи од снег проследени со умерен до засилен ветар, што значително ќе влијае на видливоста и навигацијата во високите зони од планините.
Особено треба да бидат внимателни сите оние кои планираат да го посетат Национален парк Галичица, преку регионалниот пат Охрид – Отешево, кој токму поради својата експозиција и надморска висина е затворен за сообраќај. Превојот на овој патен правец е целосно непрооден со навеви од снег поголеми од 2м настанати уште со претходните снежни врнежи, а во претстојните денови се очекува значително влошување на ваквата состојба, посочуваат.
Воедно информираат дека Планинска куќа Спиридон на Галичица нема да биде отворена за посетители, токму поради лошите метео услови кои се најавени за претстојниот викенд.
До оние најупорните, апелираме да бидат особено внимателни во планирањето на своите активности, строго да се придржуваат до правилата за безбедност во зимски услови на планина и доколку не се соодветно подготвени и опремени, истите да ги одложат за некој следен викенд. Зимата календарски сеуште не е започната и веруваме дака ќе има многу убави денови за уживање во снежните авантури, во многу попријатни метеоролошки услови од овие кои се предвидуваат за претстојниот викенд, додаваат од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
И од НП Галичица потсетуваат дека патот низ Националниот парк е затворен за сообраќај.
Патот што поминува низ Националниот парк Галичица ќе биде затворен за сите видови сообраќај поради зимските услови. Оваа одлука е со цел да се спречат потенцијални штети на патната инфраструктура и да се осигура безбедноста на посетителите. Тимот на Националниот парк Галичица ве потсетува да ги планирате вашите активности во природата во согласност со зимските ограничувања, додаваат.
Н.С.Ј.