Бидете внимателни кога купувате скапи производи кои не се нудат во продавници, туку преку презентации и агенти, советуваат скопјанецот Звонимир Спасовски и неговата сопруга кои шетајќи по охридската чаршија биле поканети на презентација на производи во ресторан. Нивните проблеми почнале откако се одлучиле да купат душек за спиење кој чинел над 50.000 денари.

Не сретнаа додека шетавме и ни понудија да одиме на бесплатна вечера каде ќе се врши презентација на производи за во домот. Отидовме на вечерата каде по презентацијата се одлучивме да купиме еден душек, при што ни беше кажано дека ќе добиеме и две перници како подарок кои чинат околу 24000 денари . Потпишавме договор, но откако се одлучивме да купиме и покривка ни кажаа дека подарокот од првиот купен производ нема да го добиеме поради купувањето на вториот производ. Бевме зачудени од нелогичноста на тоа што ни го кажаа па затоа побаравме да ни ги вратат парите за вториот производ  и да ги добиеме ветените подароци, но не наидовме на разбирање. Производите ни беа доставени но ние не ги отпакувавме, чуствувајќи се измамено и изманипулирано, бидејќи не се придржуваа на она што претходно ни го ветија,  раскажува Спасовски.

По неколкумесечните препишувања со вработени во компанијата која им го продала производот, се обратиле и до Организацијата на потрошувачи на Македонија како и до пазарниот инспекторат по чија интервенција конечно им бил вратен износот кој го платиле за вториот производ , а ги добиле и ветените подароци.

Од Организацијата на потрошувачи советуваат на претпазливост при ваквиот вид на купување.

Најчесто од страна на вработени агенти и презентери кои често пати се навистина наметливи се ветуваат подароци, попусти и се избираат повозрасни граѓани за кои се смета дека имаат и поголеми приходи.Се примамуваат со бесплатни вечери или ручеци и им се нудат навистина скапи производи, често пати и со сомнителен квалитет. Наш совет е да не купуваат без да им се издаде фискална сметка и без да знаат податоци за фирмата која ги нуди производите за доколку е потребно да може подоцна да реагираат до надлежните служби, велат од охридската Организација на потрошувачи.     

Од ОПО потенцираат дека голем број од ваквите фирми кои продаваат преку агенти и телефонски оператори по извесен период се затвараат, некои од нив и воопшто не се регистрирани како фирма, имаат лажни адреси или пак не се регистрирани во Македонија. Затоа велат, потребна е голема внимателност од страна на граѓаните, особено бидејќи станува збор за производи со високи цени.

Т.К.