Комисијата за водење на дисциплинска постапка што ја формира Општина Охрид, го потврди скандалот со злоупотреба на средства наменети за надомест на штета од земјотресите што го зафатија Охрид летото 2017 година. Седумчлената општинска комисија утврдила дека административниот службеник Радован Вељаноски, вработен во Секторот за туризам и локален економски развој во одделот за Развој на земјоделството несовесно ја извршувал функцијата и доставил сомнителни записници од проценката на штета, врз основа на кои било исплатено обештетување на членови од неговото потесно семејство, а кои не биле баратели на штета.

Комисијата ценејќи ги сите олеснителни и отежнителни околности утврдила сторен престап и утврдила мерка – парична казна во висина од 30% од висината на месечна нето плата пред изрекување на дисциплинскиот прекршок, во траење од шест месеци. Со оглед дека по целокупната работа на дисциплинската комисија во која беа опфатени 4 случаи, а беше одземена и запечатена целокупната документација, постојат основани сомненија и за други неправилности при исплатата на отштетата, јас како в.д. градоначалник денеска доставив барање за постапување до СВР Охрид, каде се наведени сите наоди и целиот тој предмет сега е во надлежност на СВР Охрид. –  изјави на прес конференција в.д. градоначалникот Константин Георгиески.

На предлог на опозцијата на последната седница, кој беше прифатен од позицијата, претседателката на советот писмено за случајот го извести и Основното јавно обвинителство.

Целокупната постапка што се однесува до нас е завршена во законскиот рок во кој требаше да постапува комисијата, а кој истече денеска. Во иднина за сите прашања поврзани со овој случај одговорни се надлежните институции кои од денес натаму ја водат постапката, СВР Охрид и ОЈО Охрид. – додаде Георгиески.

Одговарајќи на новинарско прашање, Георгиески истакна дека имало исплати на отштета и на семејства на вработени во локалната самоуправа и други сомнителни ипслати.

Комисијата забележала нелогични исплати 1500 денари, па 1500 денари, 2000, па наеднаш кај некои лица високи суми од 60000 денари. Согласно одлуката на советот, која беше во согласност со критериумите утврдени од Владата која го врши обештетувањето, за да се исплати толкаво обештетување штетата треба да виде многу висока, затоа инсистирам овој случај да биде расветлен до крај – објасни Георгиески.

Вкупните штети од серијата земјотреси што во 2017 година го погодија Охридскиот регион беа проценети на 58 милиони денари. До општинската комисија поднесени беа 854 барања за проценка на штети, 802 за  индивидуални објекти и 52 за деловни објекти. Исплатата на штетите доцнеше со месеци, а голем број граѓани се’ уште немаат добиено отштата.

Г.М.