ВМРО Народна партија предлага општините да формираат Фонд за социјална поддршка на граѓаните за да се ублажат последиците од економската криза.

Македонија живее тешко и жешко економско лето и може да замислите каква ќе биде есента кога вообичаено трошоците за живот се најголеми, изјави денеска Марјан Додоски, лидерот на ВМРО НП пред седницата на Извршниот комитет кој заседава во Охрид. Тој рече дека најпрвин ќе биде поведена иницијатива за  формирање на  Фонд за социјална помош во градот Скопје, а потоа и во останатите општини.


 
ВМРО НП предлага овие фондови да се финансираат од општините со издвојување на 1-2% од  буџетот и тие да бидат целосно незавизни од државата. Со фондовите ќе раководат претставници на општината и граѓани кои ќе вршат распределба на средствата на социјално загрозените категории. ВМРО НП предлага овој фонд да се финансира од надоместокот за комуналии, со што општините ќе располагаат со сопствени средства за ублажување на негативните ефекти од кризата.

Македонските граѓани се заглавени со кредити и картички и се меѓу најзадолжените во Европа, a тоа силно се чувствува и во Охрид оваа туристичка сезона која дури сега малку живна, рече Додоски.


Општинскиот комитет на ВМРО НП најави дека ќе ја подржи идејата за формирање социјален фонд во општина Охрид.

– Ќе треба да се обезбедат средства за фондот од буџетото, но и преку донации, и да се води сметка помошта да заврши во вистински раце, односно до лицата кои се најпогодени од економската криза, истакна, Ванчо Костоски, претседател на ОК ВМРО НП во Охрид.

Ohridnews