Од општинската ВМРО- Народна партија обвинуваат дека ВМРО- ДПМНЕ продолжува со притисоците и малтретирањата врз граѓаните на Охрид, при што од вработените во државните институции се бара на список, со име презиме и матичен број, да донесат по тројца нови членови и гласачи за ДПМНЕ.

– Во спротивно, директорите, раководителите и одговорните лица им се закануваат на вработените со казни, преместувања и отказни решенија. Исто така, пред неколку денови во општинскиот штаб на ДПМНЕ биле повикани вработените во образовните институции кои сеуште немаат решенија на неопределено работно време. Доколку сакаат да го продолжат работниот однос, тие мораат да донесат список со дваесет нови гласачи и “поддржувачи“ на режимот. Не можеме, а да не го спомнеме изживувањето на Димитар Спасески врз вработените во Локалната самоуправа. Тие секојдневно добиваат казни, нови решенија, наредби, преместувања и закани со цел да станат послушници на режимот. И сето тоа е со “амин“ на градоначалникот Бакрачески, велат од ВМРО- НП.

Оттаму, апелираат да престанат притисоците и заканите врз жителите на Охрид, додавајќи дека граѓаните не смеат да бидат цел на заплашување, со цел власта да се има по секоја цена. Од ВМРО-НП велат дека за притисоците ќе ги запознаат и сите странски претставништва во државата.

OhridNews