– Реагираме на одлуката на министерството затоа што е прескокната процедурата според која барање за отворање дополнителни паралелки поднесува Училишниот одбор кој истото го проследува до локалната самоуправа, па се произнесува Советот, а дури потоа се бара мислење, односно се произнесува Министерството за образование. Во случајов министерот Тодоров ја прескокнал ваквата процедура, истакна Ванчо Костоски – претседател на ОК ВМРО НП-Охрид.
Според него нема основ за отворање на две паралелки на албански наставен јазик во ЕМУЦ, затоа што, како што посочи, основно образование во Охрид завршуваат четириесетина албанчиња, што не е доволен број за формирање две паралелки и сите тие да се запишат во електротехничкиот училишен центар.
-Дали тоа значи дека ќе се носат деца од другите околни градови за да се задоволат критериумите за формирање паралелки и дали со тоа нема да се предизвика пренесување на конфликти какви што има во мешаните средини во градовите во Западна Македонијра, рече Костоски.
Тој напомна дека во Охрид не постои ниту наставен кадар, ниту просторни услови за отворање на паралелки на албански наставен јазик во средните училишта и побара министерот Тодоров да ја повлече донесената одлука. „Доколку во најскоро време тоа не го стори ќе побараме министерот да си поднесе оставка“, додаде Костоски.
Според советникот Јоне Станкоски, со ваквиот потег министерството за образование индиректно ќе предизвика и промена на демографската слика во Охрид, што според него е погрешна и штетна политика.
ВМРО НП побара за одлуката на Министерството за образование да се произнесат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, затоа што, како што беше истакнато на прес конференцијата, не е прв пат да има обиди на сила да се прават проблеми онаму каде што ги нема.