ВМРО-НП на наредната седница на Советот на општината ќе иницира расправа за новонастанатата состојба во општината со зголеменото ниво на Охридското Eзеро, за да може да се донесат предлог мерки и заклучоци со кои ќе се ублажи настанатата ситуација, изјави денеска на прес-конференција претседателот на Општинскиот комитет на партијата, Ванчо Костоски.

ВМРО-НП изрази загриженост за високиот водостој на Охридското Езеро, кој како што беше кажано, се очекува да расте во март и април поради топењето на снегот и очекуваните врнежи.

– Оваа состојба не се должи само на тоа што во месец февруари имаше обилни врнежи на дожд и снег туку и заради несоодветното управување со водостојот на Охридското Езеро, како хидроакумулација од страна на ЕЛЕМ. Со цел да се акумулира што повеќе вода во езерото како хидроенергетски потенцијал, но и поради состојбите со поплавите во Албанија, ЕЛЕМ неоправдано го држеше високо нивото на езерото од месец септември до месец јануари. Сега ни се случува нивото на езерото да се зголемува односно дотекот на водите е поголем од истекот преку реката  Црн Дрим.  Последиците од таквото лошо менаџирање со езерото, како хидроакумулација, се очигледни и може да се видат на секој чекор, истакна Костоски.

Тој посочи дека високиот водостој на Езерото и на подземните води предизвикуваат големи штети, а отежната е и работата на колекторот и функционирањето на водоводната и канализационата мрежа.

– Заради високото ниво на езерото, а и со камените блокови кои се поставени на патниот правец Р 501 ќе се оневозможи интервенција на службите за водоснабдување при евентуален дефект на водоводната линија, преку која се снабдуваат со вода за пиење населените места од хотел Метропол до Пештани. Големи се и штетите  на обработливото земоделско земјиште но и на патиштата и сообраќајниците, додаде Костоски.

ВМРО НП смета дека сегашната состоба е последица на ненавремена реакција и побара ЕЛЕМ да се однесува поодговорно при користењето на природното богатство.

– Ако во септември се исчистеше и уредеше коритото на Црни Дрим на потегот од браната до централата Глобочица, тогаш преку преливот на браната можеа да се испуштат и поголеми количини на вода. Исто така со градежни зафати во есента требаше да се зголеми пропусната моќ на Црни Дрим од излезот на Струга па се до вливот во Глобочичко езеро, заврши Костоски.

OhridNews