Во советот на општина Охрид има елементи на коруптивно однесување обвини советничката група на ВМРО НП, која ја напушти работата на 41 седница на советот во знак на протест поради донесувањето на Нацрт деталниот урбанистички план за урбана единица 17, кој се однесува на изградба на хотелски комлекс со објекти за времено живеење на просторот кај бараките на „Гранит“ и „Трудбеник“.
тешки обвинувања за работата на Советот
Советниците од ВМРО НП обвинија дека локалната самоуправа во спрега со Министерството за транспорт го урбанизира овој простор со што се нарушува природната рамнотежа, но и ќе се нанесе економска штета на градот.
За Советничката група на ВМРО НП не е спорна изградбата на хотел кај каналот, туку петте маркички за изградба на висококатници за кои предлагачот тврди дека се објекти за времено домување, а кои зафаќаат дел од СРЦ „Билјанини извори“.
„Објектите кои се предвидуват во спортскиот центар е типична апартманизација на градот и тие треба да се бришат од Нацрт деталниот урбанистички план“, ни изјави Томе Гиноски, координатор на советничката група на ВМРО НП.
Началникот на секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, објаснува дека Нацрт ДУП за УЕ 17 се носи на барање на Министерството за транспорт и врски. Тој демантира дека се узурпира површина од СРЦ „Билјанини извори“, како и дека таму ќе се градат згради „Објектите за времено домување не се згради, туку помали хотелско угостителски објекти во кои повремено ќе се престојува, од типот на помали хотели и пансиони“, вели Арнаудоски.
Советот на општина Охрид денеска на третото продолжение на 41 седница во жестока расправа ги усвои и Нацрт ДУП за населбата Горица исток каде е предвидена изградба на хотел Ексцелзиор. Според Арнаудоски на 30.8.2006 година бил потпишан договор со холандската групација „Ексцелзиор“ за изградба на хотел од висока категорија во месноста Горица, според кој, како што рече, „ние се обврзавме до крајот на 2007 година да го донесеме урбанистичкиот план со што тие ќе можат непречено да градат“. Според Арнаудоски тоа е причината што локалната самоуправа го идвоила овој план како приоритетен и објасни дека во фаза на подготовка е Нацрт ДУП за целата област во Горица на кој чекаат голем број граѓани.
Советникот Томе Гиноски рече дека ВМРО НП го подржува овој проект, но се сомнева дека таму ќе биде изграден бренд хотел. „Се плашам да не испадне како со најавата дека ќе биде изграден х. Хилтон во Охрид па ништо не испадна од тоа“ рече Гиноски.
Г. Момироски