Скандал од невидени размери е документот кој Никола Димитров под патронат на Владата на Заев и Спасовски го кријат од јавноста, а со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори, истакна денеска на прес конференција потпретседателот на на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски.

Презентирајќи го документот, тој рече дека Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции.

Од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, а со тоа и од именувањето на македонскиот народ како македонски, затоа што малцинствата во соседните држави е нераскинлив дел од македонскиот народ, како и да се откаже од македoнскиот јазик и да користи само т.н. „службен јазик на Република Македонија“, исто така ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања ако Македонија сака да продолжи со преговорите со ЕУ, помеѓу другото се вели во документот кој стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и без кој нема датум за преговори за Македонија. Со имплементацијата на одредбите на овој документ се условува одржувањето на првата меѓувладина конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ. – истакна Николоски.

Николоски посочи дека ако го прифати ова македонската влада по сменетото име, ќе треба да се откаже и од македонско малцинство, од македонскиот јазик, а и од голем дел од македонската историја.

Ова е целосна капитулација на политиките на Зоран Заев. Ќе потсетам оваа влада својата политика ја темелеше на три постулати. Во економијата дека ќе донесе живот. Резултатот еве го гледаме, не само што не блескаме туку имаме огромна буџетска дупка што е директна последица на криминалната и недомаќинска политика на Заев. Вториот постулат им беше дека ќе го решат спорот со името за да одиме во ЕУ. Името го сменија, ама немаме заокружен датум за преговори. И третиот постулат беше дека отвораат пријателства и решаваат проблеми, а сега гледаме не само што не решаваат проблеми туку создаваат нови уште со уште потешки последици за националните интереси на Македонија кои што водат до национални неуспеси и порази. – подвлече Николоски.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ праша зошто за ова молчи претседателот Пендаровски и дали можеби и од него се криел спорниот документ.

Во една сериозна држава после ваков документ се отвора широка политичка и општествен дебата за да се одговори на истиот, се прави стратегија и се дејствува. Во Македонија ова се крие! За овој документ, неговата содржина во која се брише македонскиот народ, македонското малцинство во соседните држави, како и македонскиот јазик, како и криењето на неговата содржина мора да има политичка одговорност. – рече Николоски.

Тој истакна дека во државата итно и неопходно треба да се создаде заеднички усогласена надворешна политика како и стратегија за национална безбедност, што ќе бидат прифатени од сите политички партии и ќе бидат основа на работата на секој министер за надворешни, внатрешни работи и за одбрана како и директорите на безбедносните агенции, без разлика од која политичка партија и од која влада се.

OhridNews