ВМРО-ДПМНЕ преку писмена соопштение реагираше на денешната 38-ма „бомба“ на СДСМ во кое посочи дека Зоран Заев сака власт без избори. Според владејачката партија, сценариото на Заев е прочитано и затоа тој е нервозен и се заканува на сите.

„Зоран Заев сака да ја излаже целокупната јавност, и Македонците и Албанците, и Турците и Србите и Ромите и Бошњаците и Власите, дека се грижи за нив, а всушност се што сака да направи е да се спаси себеси од криминалите кои стојат зад него и зад неговата фамилија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според оваа партија, намерата на Заев е да прави хаос со цел да се прибере до власт без избори и, како што се вели во соопштението, да се заштити себеси од последиците од неговото коруптивно однесување кое што е познато и на сите граѓани во Македонија, но и на целата меѓународна заедница.

„Граѓаните јасно му дадоа до знаење дека не поддржуваат вакво нелегално и деструктивно сценарио. Граѓаните сакаат стабилна држава, економски прогрес, нови фабрики и нови работни места. Не сакаат ниска и гнасна политика, како онаа на Заев. Свесен е и тој самиот“, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Притоа се додава дека финишот на политичката кариера на лидерот на СДСМ ќе се случи на следните избори кога тој ќе доживее пораз.

OhridNews