СДСМ го продолжува патот по кој тргнале, но се поочигледно станува дека на тој пат не ги добиваат очекуваните резултати и ефекти од тоа што го прават. Нивните прес конференции се се повеќе израз на една малограѓанска култура отколку на достојна политичка битка.
Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Зоран Ѓорѓиев, претседател на ОО СДСМ Кавадарци, кој презентирајќи ја 28 ’бомба’ објави аудио снимки, кои, како што рече, се доказ дека Сашо Мијалков, стои зад фирмата СГС којашто добива милионски тендери од институции, министерства, општини, јавни претпријатија, раководени од кадри на ВМРО-ДПМНЕ.
„По низата крупни, стратешки грешки на СДСМ кои се се повидливи во изминатиов период, фијаското на референдумот во Центар, но и катастрофалната прес конференција од пред два дена на Зоран Заев, во која се закопа себе си со презентација на непроверен и целосно лажен материјал, со што се докажува целата шема на оваа група која во соработка со Заев и странски фактори имаат за цел дестабилизација на Македонија, како и после многуте речени па веднаш потоа поречени изјави на Заев базирани на лаги и манипулации, овој пат свесни дека вниманието на ова што го прават опаѓа, и свесни дека со секој изминат ден се повеќе лица губат интерес за овие нивни објави и креирани прес конференции, денес, за жал не по прв пат, но сега можеби најприземно, ако воопшто може да се нивелира нискоста на овие нивни дејствија, објавуваат приватни случувања и состојби на лица кои немаат никаква врска со политика, ниту, пак, со некакви нелегални активности. Го допреа дното со срамни изложувања на приватни работи на функционери, со истакнување на лични, здравствени, брачни и семејни состојби на личности“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, ова е доказ дека СДСМ се во длабока параноја и шок заради немањето на ефект од своите настапи и немањето на интерес и поддршка од народот.
„Во денешното објавување на креираните, сечени и монтирани материјали, преку кој Заев продолжува да одработува за своите нарачатели, може да се види дека и покрај обидите за давање на контекст и наратив на објаснувачот нема апсолутно никаква импликација за било какво незаконско работење, ниту, пак, нелегално, туку само еден мрачен и срамен порив на Заев и тесната клика околу него да пласираат креирани и монтирани материјали за да си го потхранат нивните ниски страсти за да може потоа да озборуваат, муабетат и да се ситат на приватните животни предизвици кои ги имаат некои граѓани“, се вели во реакцијата на најголемата владејачка партија.
Според нив, Заев не само што нанесува штета на Република Македонија, грубо се меша во приватноста и нанесува штета на животите на граѓаните на нашата земја.
OhridNews
Извор:„Макфакс“