По прес-конференцијата на лидерот на опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Зоран Заев свесно сака да предизвика конфликти во Македонија.

„По прес-конференција на сите разумни и совесни граѓани на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци или други, се’ им станува јасно. Во желбата за власт за себе Зоран Заев е спремен да жртвува се’ – и мирот и стабилноста и економскиот развој и соживотот помеѓу граѓаните“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ по денешната нова „бомба“ на СДСМ.

Во него се додава дека по повеќе од три месеци малтретирање со монтажи и манипулации Заев е свесен дека не наидува на поддршка кај граѓаните на Македонија. За владејачката партија, прес-конференциите на СДСМ немаат политичка тежина, а политичкото дејствување на Заев се сведува на сечени и монтирани материјали, со цел да се поигра со емоциите на граѓаните, а кои во основа се дневни озборувања, разговори на различни теми какви што секој човек практикува. Според ВМРО-ДПМНЕ покажува дека се’ она за што обвинува Заев е неточно.

„Зоран Заев очигледно сето тоа го посакува за да дојде на власт, да ги сруши легитимните институции и да внесе хаос во државата. Заев е целосно неодговорно и нанесува далекосежни последици. Граѓаните на Македонија нема да дозволат еден човек и неговата неодговорност сите да не втурнат во патеки кои не ги посакуваме“, се истакнува во соопштението.

OhridNews

Извор:„Утрински Весник“