Владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека лидерот на опозициската СДСМ, денеска на прес-конференција искажал куп лаги со цел да дојде на власт без доверба од граѓаните.
„Зоран Заев и денеска свесно продолжи да одработува за странските центри и нивните агентури во државава, на директна штета на интересите на Република Македонија и нејзините грагани. Зоран Заев со секој негов чекор без дилема потврдува дека креираните материјали кои ги употребува се креирани во соработка со странски центри, а тој е инструмент во спроведувањето на нивното сценарио“, се вели во реакцијата од владејачката партија.
Сметаат дека СДСМ и Зоран Заев не можат да бидат конкурентни со програма, проекти и идеи корисни за граѓаните, туку единствено се добри кога станува збор за исполнување на туѓи агенди кои се штетни за сопствената држава.
„Целта на нивното сценарио е провидна, и со нивното несмасно постапување со овој случај се доведуваат во ситуација да влезат во серија на противречности и од минута во минута се демантираат самите себе си. Зоран Заев во своето обраќање на прес конференции искажа еден куп лаги, конструкции и невистинити квалификации кои се во функција на остварување на сценарио за разнебитување на државата, со цел да дојде на власт без да ја има довербата од граѓаните“, стои во соопштението.
Велат, Заев нека продолжи да се занимава со одработување на туѓи сценарија, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за реалните потреби на граѓаните, да спроведува проекти и програма која ќе го подобри нивното секојдневие.
OhridNews