Зоран Заев продолжува да се обидува со креирани, монтирани, сечени, лепени и прелепувани разговори да креира дестабилизација на институциите во Македонија, со единствена негова цел да се добере до власт без никаква поддршка од граѓаните.
Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на лидерот на СДСМ, на која ја објави таканречената 14 бомба.
-Зоран Заев е свесен дека со ова негово сценарио одработува за странски центри кои имаат лоши цели во однос на државата и нејзините државни интереси. Соочен со фактите и признанијата за соработка со странска служба, соочен со неговите криминали и барања мито, како и со фактот дека се повеќе работи околу неговото срамно однесување се појавуваат во јавноста, Заев се обидува да ја дефокусира јавноста и преку конструирани материјали ставени во манипулативен контекст, да се извади од своите скандали и криминали, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија се уверени дека ова сценарио нема да му помогне Заев и дека правдата и вистината ќе го стасаат и нема да може да го извадат никакви сецкани материјали и никакви странски центри. Според ВМРО-ДПМНЕ денешните наводи на Заев и СДСМ се крајно тенденциозни, невистинити и целосно манипулативни.
-Автопатите за кои денес зборуваше Зоран Заев се реализираат во крајно легална и транспарентна постапка со Закон донесен во Собранието на РМ, исто онака како што и други крупни инфраструктурни проекти во минатото беа градени. Дополнително овие автопати се градат по цена која е значително поевтина од многу слични проекти кои се реализираат во нашиот регион и Европа и се прават со средства добиени по најповолни каматни стапки од 2%, стои во сопштението.
OhridNews
Извор:„Макфакс“