„Како што поминува времето Зоран Заев е се’ поповршен и провиден во неговите лаги и измислици“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по денешното објавување на прислушуваните материјали.
Според владејачката партија, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, продолжил да одработува за странски центри и интереси кои се спротивни на интересите на граѓаните и да пушта креирани, сечени, лепени, монтирани материјали кои самите по себе не докажуваат ништо.
„Дури и со очајните обиди на Заев да им даде некаков наводен наратив, да ги раскажува и прераскажува, објаснува и дообјаснува и да може да манипулира, злоупотребува и да ги прикажува во одреден неточен контекст кој само нему му одговара“, велат од партијата.
Според нив, крајната цел на сценариото, чиј извршител е Заев, е токму дестабилизација и обид за внесување криза. Токму затоа, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, омилената тема на Заев е темата за безбедносниот систем. „На крајно безобѕирен начин и повторно не водејќи сметка за државните интереси, разоткриваше информации за плановите за кадровското доекипирање на службите за безбедност и зголемување на нивната оперативност. Тоа е класично антидржавно однесување и граѓаните тоа го препознаваат и затоа не го поддржуваат“, се вели во реакцијата.
OhridNews
Извор:„Утрински Весник“