Зоран Заев продолжи со емитување на креираниот материјал кој го добил во соработка со странска разузнавачка служба, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на пресконференцијата на лидерот на СДСМ, пренесува „Макфакс“.

„Иако постојат признанија дека нелегално се вршело прислушкувањето, за што едно лице веќе е осудено на казна затвор, Заев и неговите поддржувачи и понатаму се обидуваат да ја изманипулираат јавноста дека креираните материјали ги добиле од патриоти, а не од измамници и соработници на странска разузнавачка служба, кои во целост ја признанаа вината“, стои во соопштението.

Од владејачката партија наведуват дека Заев сака да ја убеди јавноста дека изборните процеси не биле регуларни и дека стотиците илјади граѓани кои гласале по свое убедување за ВМРО-ДПМНЕ всушност не гласале или гласале вон својата волја.

„Секој граѓанин кој гласал за ВМРО-ДПМНЕ и за коалицијата За подобра Македонија многу добро знае дали гласал и зошто гласал. Секој гласач на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нека се потсети дали гласал заради причините со кои денес не обвини Заев или заради политиките на партијата, делата што се направија, фабриките кои се отворија, 120 илјади нови работни места, новите патишта, болници, опреми, училишта, зголемените пензии, социјални помошти, плати во јавниот сектор, поддршка на земјоделецот и макотрпна работа на владиниот тим предводен од ВМРО-ДПМНЕ“, се истакнува во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ го потсети Заев дека изборите во 2011та и во 2013та тој и неговата партија ги признаа поразите и ја признаа волјата на мнозинството граѓани на Македонија.

„Додека Заев сака да создаде слика дека некој му ги украл изборите во 2014 година, да го потсетиме на неговите изјави во кој во повеќе наврати призна дека и да не биле слабостите за кој тој не обвинува, изборите ќе ги добиеше ВМРО-ДПМНЕ ама тоа ќе било со помала разлика“, се вели во соопштението.

„ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата имаше јасна, чиста и убедлива победа на сите претходни избори со огромна поддршка на народот, пред се заради остварените ветувања, остварените дела и неуморното работење, поле на кое СДСМ е инфериорен и затоа се обидува со конструкции и манипулации да создаде поинаква перцепција во земјата од реалната“, се вели во реакцијата.

OhridNews
извор:„Макфакс“