Зоран Заев да си поднесе оставка од сите политички функции, побара денеска на прес конференција Никола Тодоров, член на ВМРО ДПМНЕ.
–Зоран Заев е фатен жив. Цела македонска јавност вчера имаше можност да погледне едно видео објавено на ѕоутубе на кое јасно се гледа како Градоначалникот на Струмица, палејки цигара, директно, ладнокрвно и без задршка бара 200 000 евра мито за работа која по закон мора да ја заврши. На видеото кое можевме да го видиме на You tube, Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, бара 100 000 евра за него, преку брат му Вице Заев и 100 000 евра за “за црквата”, за што некој може да претпостави дека е и шифра која се користи за да се побараат пари за неговата партија СДСМ.
200 000 евра побарани за мито видено директно од сите граѓани.
Зоран Заев вчера ја призна автентичноста и призна дека овој настан се случил што дава сериозна основа за понатамошните постапки кои треба да си ги превземат надлежните судски органи.- рече Тодоров.
ВМРО ДПМНЕ да ја објави целата снимка, побара лидерот на опозциската СДСМ.
-Нека ја објават целата снимка, целата снимка, не да ја прекинуваат на 2 минути и 25 секунди. Штом ја објават целата снимка, ќе стане јасно дека апсолутно нема ниту индикации за поткуп, а знаете дека поткупот е врзан со пари. И знаете дека Заев го пријави обидот за поткуп.-изјави Заев
Опозицијата тврди дека снимката објавена на You tube e прибавена со посебни истражни мерки, по што Јавното обвинитетство најави дека ќе го истражи случајот.
Во Струмица, пак, вечерва, се одржа протест на кој граѓаните побараа оставка на Заев од градоначалничката функција. Тие исто така побараа правна и морална одговорност од лидерот на СДСМ.
OhridNews