На денешната прес конференција на СДСМ преку писмено соопштение испратено до медиумите реагираше и Општинскиот комитет на  ВМРО-ДПМНЕ од Охрид.

-Контрадикторен е и ставот на гласноговорникот од СДСМ, Кузески дека ништо не се работело кога фотографиите и видео снимките од местото на одржување на прес конференцијата го покажуваат сосема спротивното. Во изминативе 28 месеци, градоначалникот Никола Бакрачески и локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ  работеа  на  надминување на последиците од криминалните и штетни дејствија што во општината ги остави СДСМ и претходниот градоначалник Александар Петрески за што и одговара пред органите на власта. Минативе 28 месеци Власта на ВМРО –ДПМНЕ преку официјални ревизорски извештаи констатира долг од фантастични 50 милиони евра што на општината и Јавните претпријатија им ги остави раководството на СДСМ. Но и покрај тоа локалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ за изминатите 28 месеци иако соочено со стотициправни и финансиски лавиринти и дупки на секој план при реализација на секој проект успеа да реализира она што ретко која локална самоуправа во вакви неверојатни околности може да успее: 129 во  целост завршени проекти и 58 проекти кои се во тек, пишува во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.

Оттаму објаснуваат дека локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, ги расчистила имотно правните односи што како сериозен проблем ги оставила СДСМ-Охрид, а кои се однесуваа  за парцелата каде ќе се гради пазарот и ги прибави сите согласности од надлежните институции, спроведе комплетна постапка за јавно приватно партнерство, а во тек е завршна фаза од изработка на проектот и за околу 2 месеци се очекува  да започнат градежните работи.

-Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, донесе нов урбанистички план за локацијата за која што е предвидена градба на автобуска станица, ги прибави сите согласности од надлежните институции, спроведе транспарентна постапка согласно законот и обезбеди инвеститор на работите кој во наредните 2 до 4 години треба комплетно да ја изгради автобуската станица. Во овој момент привршува изработка на главниот проект по што ќе следи издавање на одобрение за градба и очекуваме во текот на 2016 година да отпочнат градежните активности за современата автобуска станица, пишува во реакцијата.

Во неа се појаснува дека Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ изработила планска документација за локалитетот каде ќе биде изграден затворениот пливачки базен, ги расчистува имотно правните односи, обезбедила буџет, изработила комплетен проект и во овој момент во завршна фаза е отворениот тендер за изнаоѓање најповолен понудувач за изградба на затворениот пливачки базен.   

-Локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги расчисти имотно правните односи каде треба да се гради дом за стари лица, изработи урбанистичко планска документација , спроведе транспарентна постапка за изнаоѓање инвеститор и во овој момент во тек е изработката на проектната документација за изградба на дом за стари лица кој треба да биде изграден во наредните 2 до 4 години онака како што налагаат законските прописи. Локалната власт  на ВМРО-ДПМНЕ за прв пат во историјата на независна Македонија обезбеди финансиски средства за изработка на физибилити студија и комплетен мастер план за изградба на скијачки центар на Галичица   што претставува основна појдовна точка од којашто понатака може да се реализира оваа заложба. Студијата  и мастер планот беа изработени од страна на врвна светска компанија за оваа намена. Напоменуваме ,сите овие појдовни  активности околу скијачкиот центар се  завршени  иако  никогаш не биле  ветени во изборната програма, појаснуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека ако се земе во предвид фактот дека СДСМ-Охрид за 8 години власт воопшто не се грижела за законските и правни процедури во своето секојдневно работење,  сосема е за очекување и не изненадува тоа што при одржување на нивните прес конференции покажуваат елементарно непознавање на постапките и процедурите од различните фази при реализација на проектите.

   OhridNews