ОК на ВМРО ДПМНЕ – Охрид, денеска се јави со соопштение, во кое се дообјаснуваат нивните забелешки на изборите за градоначалник на општината, што се одржаа на 5-ти април. Во соопштението на ОК ВМРО ДПМНЕ, кој поднесе повеќе приговори до Државната изборна комисија се вели:

„На самиот почеток на изборната кампања ние, како претставници на ВМРО-ДПМНЕ, истакнавме дека цел над сите цели на овие избори ни е изборите да бидат фер и демократски, да добиеме легитимни победници и изборните резултати да не можат да бидат оспорени од никого.

За жал, токму во Охрид на повеќе избирачки места се забележани неправилности на кои ние, инсистирајќи на демократскиот процес, мораме да реагираме.

ВМРО-ДПМНЕ на овие претседателски и локални избори во Република Македонија оствари тријумф – и тој тријумф е неспорен, без оглед на тоа дали и во Охрид ВМРО-ДПМНЕ ќе има градоначалник од сопствените редови или не.
Но ние нема да дозволиме некој на нелегитимен начин да седне во градоначалничката фотеља.

Александар Петрески е тој кој ги навреди и понижи сопствените граѓани, затоа што кон нив и нивните гласови пристапи како кон предмет кој е на продажба.

За разлика од него Кирил Трендафилов – Нанче кон сограѓаните од Општина Охрид настапува со целосно почитување и посветеност на нивното општо добро.

Ние инсистираме – граѓаните на Општина Охрид да го изберат сопствениот градоначалник на ИЗБОРИ, и не дозволуваме подземни структури тоа да го направат наместо нив, со користење на криминални методи“ – стои во соопштението на Центарот за комуникации на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид. 

Заштитниот комитет не му ја честита победата на Петрески

Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ најостро реагира на фалсификатот објавен на званичната интернет страница на Општина Охрид според кој некој имагинарен „Заштитен комитет на ВМРО-ДПМНЕ“ му ја честита „победата“ на изборите за градоначалник на Александар Петрески.

Оваа интернет страница веќе подолг временски период ги злоупотребува парите на граѓаните на Општина Охрид работејќи исклучиво во интерес на Александар Петрески, посебно во текот на изборната кампања.
Ние сме толерантни – но што е многу, многу е.

Заштитни комитети ВМРО-ДПМНЕ нема, но ВМРО-ДПМНЕ го советува Александар Петрески да си обезбеди правна заштита затоа што партијата планира да го обвини за клевета.

Ако Александар Петрески планира се поочигледниот вистински фалсификат на изборите да го покрива со фалсификат честитки во кои ќе го злоупотребува името на нашата партија сериозно се излажал – стои во соопштението на Центарот за комуникации на ОК ВМРО ДПМНЕ – Охрид. 

Ohridnews