Зоран Заев продолжува да одработува за странски центри презентирајќи креирани разговори. Тој очигледно има намера да помага за остварување на целите на странски центри, а на штета на граѓаните и за државата.

Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на пресот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој во петок презентираше аудио записи за кои тврди дека ја докажуваат корумпираноста на власта.

„Зоран Заев и СДСМ се влезени во тешко сценарио од кое не може да излезат. Секојдневните лаги, контрадикторности и дневните промени на изјавите и на Зоран Заев и на луѓето околу него говорат дека нив ниту ги интересира вистината, ниту ги интересираат граѓаните. Нив ги интересира гола желба за власт, па макар таа да значела и одработка на шеми креирани од странски центри, за чии интереси подоцна ќе се очекува да ја вратат скапата услуга“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата на власт, на граѓаните им е совршено јасно што е крајната цел на Зоран Заев.

„СДСМ сака да предизвика дестабилизација, да го наруши меѓународниот углед на државата и да создаде конфликти во нашето општество. До денес никој од СДСМ не одговори на прашањето што за возврат треба да направи СДСМ и Зоран Заев за услугите што нив им ги овозможиле странските центри“, пишува во реакцијата.

Понатаму од владејачката партија додаваат дека заканите кои Заев секојдневно ги упатува кон политичари, судии, новинари, јавни обвинители, бизнисмени и граѓани не му врват и не го плашат никого.

„Ова свесно манипулирање и делење папки е ништо друго освен обид за закана и уцена до секој еден граѓанин од нашето општество. Ако Заев мисли дека со уцени и закани ќе успее да добие поддршка од граѓаните, тогаш многу грешно си ги пресметал работите. Времето ќе покаже кој е во право и на кого граѓаните му даваат поддршка и му веруваат во врска со овие срамни конструкции и сценарија, кои опозицијата на чело со Заев ги одработува“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews

Извор:„Макфакс“