Претставниците на градоначалникот за овие четири години лиферуваат пропаганда за неговото наводно успешно менаџирање, бојадисано во розово во ликот и делото на градоначалникот, истоврмено фрлајќи дрва и камења по централната власт. Ова беше речено на денешната прес-конференција во Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.
Градоначалникот Александар Петрески неодамна и се налути на државната просветна инпекција што без дозвола се дрзнала да ги проверува училиштата за да види како се работи. Замислете инспекцијата да најавува кога ќе доаѓа и што ќе контролира“, рече раководителот на Центарот, Спасе Панџак.
За последниот социјален случај со самохраната мајка, како што рече Панџак, градоначалникот ја упатил мајката до централната власт. „ Како некој да му пречи да одвои средства од локалниот буџет за ваквата категорија граѓани, што е една од обврските на општината“, додаде Панџак.
Пораката од Петрески, Владата да не гради колиби од слама туку станови за бездомници, во ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како немање чувство за привлечноста на посетители и за силниот зрак на просветлување.
Од владејачката партија имаат забелешки до градоначалникот Александар Петрески за инцидентот на отварањето на туристичкиот саем, како и за неговата изјава дека спотот на Милчо Манчевски не е вреден и дека локалната самоуправа ќе направи трипати подобар спот и без пари.
Денеска беше промовирано новото раководство на Центарот за комуникации. Покрај, раководителот, Спасе Панџак, портпароли на охридскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се Александра Белевска и Бобан Крстаноски.
А.Р.