ВМРО – ДПМНЕ смета дека снимките од прислушувани разговори што денеска ги објави лидерот на СДСМ Зоран Заев се монтирани и сечени, немаат релевантност и не докажуваат ништо.

-Зоран Заев презентираше режирани и сечени материјали, кои не докажуваат ништо криминално и ништо што не е во согласност со законите. Неговото воведно обраќање преставува манипулација и наведување во целосно погрешен контекст кој единствено него му одговара, се вели во писмената реакција на ВМРО – ДПМНЕ.

Партијата ги отфрла обвинувањата дека премиерот купил луксузен автомобил.

-Автомобилот не е на Никола Груевски, туку сопственост на Република Македонија, поточно на Министерството за внатрешни работи и се користи за обслужување на високи странски гости, делегации и политичари, што и досега било користено. Автомобилот е блиндиран што ја објаснува и неговата вредност. Заради фактот што возилото во кое се вози премиерот е над 20 години старо, новиот автомобил се користи при посети на премиерот надвор од Скопје или во случаи кога старото возило кое го користи е на поправки или сервис, стои во реакцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сите тврдења на Заев се шпекулација, невистина и лага.

OhridNews

Извор:„Утрински Весник“