Зоран Заев сè поочигледно покажува дека се наоѓа во политички хаос, притиснат од големите најави и чукање во гради од една страна и нереализираните ветувања и ефекти кажани пред неговото членство од другата страна, се наведува во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во врска со прес конференцијата на претседателот на СДСМ Зоран Заев, на која објави нови аудио снимки, за кои тврди дека се доказ за инволвираноста на првите луѓе во власта во правосудниот систем на земјата.

„Дополнително, Зоран Заев е оптоварен со истражните постапки што се водат против него за криминално и незаконско однесување па продолжува да одработува за туѓите интереси и се надева дека од ова каша во која сам влезе со противзаконски дејства, некој друг ќе го спасува. Покрај тоа Зоран Заев мисли дека тоа што тој самиот е во каша е оправдувавање да ги вовлече сите други со себе, целата своја партија, па и целата држава“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Заев со конструкции и монтажи нема да се спаси од самиот себе и од своите криминали.

„Сакаме да ја потсетиме јавноста на денот кога во Собранието на Република Македонија по партиски список од кадровските комисии на СДСМ беа избрани 617 судии и уште стотина јавни обвинители. Да потсетиме само на Ленче Софрониевска, фамилијата Медарски, мајката на Каролина Астеруд, Дане Илиев, Бранко Наумовски, Лилјана Ингилизова и уште многу други што беа бирани заради тоа што беа сопруги, деца, кумови, родители, бизнис партнери и партиски членови на СДСМ. Истите тие судии од СДСМ го водеа процесот на приватизации и стечаи на стотици фирми при што 200 000 луѓе останаа без своите работните места. Креираните снимки на Зоран Заев никако нема да го покријат она што сите граѓани го знаат и го паметат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews