СДСМ ги повторува своите прес конференции полни со креирани, монитрани, лепени и прелепувани телефонски разговори. Одработуваат туѓо сценарио само и само да се доберат до власт без поддршка од граѓаните.

Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на пратеникот на СДСМ Панче Орцев, кој објави аудио материјали, за кои тврди дека се доказ како власта се обидувала на нелегален начин да ги добие изборите во Струмица.

„Токму овој човек, Панче Орцев и е познат на јавноста по кривичната пријава за затајувањето на данок во вредност од 112 илјади евра во времето кога како директор на ЈПКД Комуналец – Струмица продавал дуќани во локалот Глобал. Панче Орцев е познат и по тоа што како директор на јавното претпријатие во Струмица, поставен од Зоран Заев, доделувал милионски тендери на фирмите од кланот Заеви“, се вели во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека токму Орцев ја користел позицијата во СДСМ и во општина Струмица за лична корист, така што средувал да добива тендери во општина Струмица фирмата Хит Бекатон, фирма на неговото потесно семејство и, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, издејствувал вработување на снаата од синот во општинската администрација во Струмица, само затоа што му завршил услуги на својот партиски шеф.

„Дополнително, за тоа како Зоран Заев ја практикува локалната власт говорат и фактите дека се обидуваше со класично изборно поткупување да ги добие гласовите на над 1300 фамилии на кои на два дена пред избори им ги прости долговите за вода; како се закануваше со откази и вршеше притисок врз општинската администрација да гласа за СДСМ, а потоа со списоци следеше кој оди на гласачки места, а кој не; како ги користеше партиските насилници да кршат гласачки кутии и да киднапираат граѓани Роми со цел од нив да изнудат признанија и гласови; и уште десетици други случаи каде директно вршеше притисок врз граѓаните на Струмица“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Заев продолжува да одработува туѓи сценарија.

OhridNews