Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Охрид преку писмено соопштение испратено до медиумите реагираше на денешната прес конференција на Општинската организација на СДСМ.
-Само да ги потсетиме граѓаните на Охрид и пошироката јавност дека Томислав Тунтев лично учествуваше во носењето одлуки со кои што Охрид го задолжија со повеќе од 53 милиони евра, а со нивното заминување од локалната власт оставија пустош во Охрид. Со нивните одлуки за доделување на градските паркинзи на приватни лица да си ги полнат џебовите, со носењето урбанистички планови урбано го деградираа Охрид и ја поттикнуваа урбаната мафија, со вработувањата неспособни партиски кадри во јавните претпријатија истите ги презадолжија и ги донесоа на работ на банкрот, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во неа се потенцира дека на прес конференцијата на СДСМ биле изнесени низа лаги и лицемерни изјави.
-Лага и лицемерие е да обвинуваш дека во Охрид има лоша туристичка сезона, дека ништо не се работи, дека ништо не се гради, а во исто време да посочуваш дека Охрид е преполн со туристи, дека се бара легло повеќе, дека улиците се раскопани заради нивната градба, а да не признаеш дека и покрај огромната презадолженост на Охрид со минимум ресурси на располагање, сепак во Охрид се градат водоводни мрежи, канализација, патеки и дека се преземаат и други инфраструктурни зафати. ВМРО ДПМНЕ ветеното го остварува. И затоа граѓаните знаат на кого ја дадоа и на кого ќе ја дадат довербата и на следните избори, нагласуваат од ВМРО ДПМНЕ.
Оттаму им порачаа на СДСМ наместо да се занимаваат со лаги и интриги, да понудат програма и дела.
OhridNews
.