Кога станува збор за медиумите, СДСМ лицемерно ги извртува фактите и преку сечени, лепени, прилепувани и монтирани материјали ставани во погрешен контекст, јалово се обидува да изгради манипулативна слика со цел да ја продаде како апсолутна вистина, се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на ткн 24-та „бомба“ којашто ја објави Зоран Заев.
„Единствената работа врз која СДСМ се потпира се монтирани и сечени разговори, кои не можат да го избришат срамното делувањето на СДСМ, нивните афери и десетиците скандали поврзани со медиумите“, порачуваат од ВМРО-ДПНМЕ.
Според владејачката партија, со денешната прес конференција на Зоран Заев и СДСМ докажале дека нивната досегашна активност со објавувањето на аудио снимки е дел од нивното “поширокото сценарио за дестабилизација, оцрнување на државните институции преку објавување на сечени, монтирани и прилепувани материјали кои се прикажуваат во манипулативен контекст“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, тврдат дека станува јасно кој е инспираторот на инцидентот кога опозициски настроениот новинар Бројан Јовановски во вторникот на домашна адреса прими мртовечки венец, односно дека „срамната приказна со венецот на Бојран“ е измислена и е во функција на сценариото за денешниот прес.
„Оттука денес дознавме дека всушност Зоран Заев се крие зад здружението Тодор Александров кое наводно го пратило венецот кај Борјан за да исценираат однапред испланиран настан и да се соберат лица коишто се финансирани од соросовата фондација и раководството на СДСМ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
OhridNews
Извор:„Макфакс“