Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ, се противи на плановите на локалната самоуправа на неколку локации во строгиот центар на градот да се дозволи изградба на повеќе станбени објекти.
Тој посочи дека на предлог на градоначалникот ќе се носи урбанистички план со кој се предвидува изградба на три згради на паркингот позади хотелот „Ривиера“ со височина од десетина метри, една зграда ќе се гради во паркот пред дирекцијата на „Охридско лето“, нова зграда се црта и во непосредна близина на Центарот за култура, а се предвидува и зголемување на габаритот на комплексот „Летница“.
Според Михаилов Охрид е жртва на интереси на мала група луѓе, која реализирајќи ги своите интереси го уништува градот за идните генерации.
-Ги повикуваме граѓаните на Охрид, целокупната научна, културна и интелектуална јавност, како и медиумите да излезат и да ставиме крај на ова урбано дивеење, рече Михаилов, кој најави дека за намерите на локалната самоуправа ќе бидат информирани надлежните инспекции и институции на централно ниво.
ВМРО ДПМНЕ го оспорува планот за урбанизација на центарот
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, ги отфрли обвинувањата на ВМРО ДПМНЕ како политичка конструкција и неоснована критика. Петрески тврди дека целокупната постапка се води транспарентно и законски и дека за посочениот план ќе следи јавна расправа во која граѓаните и стручните служби ќе го дадат своето мислење, кое локалната самоуправа ќе го уважи.
-Не ме интереситра што кажале од ВМРО ДПМНЕ. Просторот кој се спомнува е под заштита на Заводот и Музеј и ние ништо нема да направиме поинаку од тоа што како насока ќе ни биде дадено од оваа институција. Ние добивме мислење од Заводот и Музеј Охрид и од Управата за заштита на културното наследство и мене единствено ме интересираат законите и прописите, а за да го добијам мислењето на граѓаните единствен начин е да се донесе Нацрт планот за кој ќе има јавна анкета и по него ќе расправа Советот, рече Петрески.
Градоначалникот истакна дека посочениот план е во процедура и дека тој ќе се произнесе по него по завршувањето на целокупната постапка и добиеното мислење од граѓаните.
–Нацрт планот после може да се усвои како што е предложен, може да претрпи измени, а може и воопшто да не се усвои, но се зависи од процедурата, во која свое мислење дава и Министерството за транспорт и врски, посочи Петрески.