„Го поздравуваме финализирањето на проектот „Духот на Охрид“. Конечно охридската и македонската јавност имаше прилика ги види резултатите од овој фамозен проект којшто многу ветуваше.
Но наместо тоа презентацијата на проектот “Духот на Охрид“ се сведе само на “почна почетокот“
Како што рече таинствениот промотор, претставен како проф. Манфред Бух, ова е само мал почеток на работата за утврдување на стратегија за развој на високо профитабилен туризам, врзан за езерото како убавина, а не како плажа. Утврдивме дека сите сакаме богати туристи. Еурека! Тоа се покажало и од анкетата спроведена меѓу стотина случајно одбрани охриѓани. Зарем стратегија за развој на туризмот во Охрид се гради врз основа на желбите од само 100 испитаници и тоа случајни!
Според тврдењата на добро упатените во оваа област, за 180.000 евра, под услов да беа совесно и стручно употребени, можеше да добиеме многу повеќе. За ваков резултат, “почеток на почетокот“, според нивните проценки многу се и 20.000 евра!
Се поставува прашањето каде завршија останатите средства, дали за задоволување на лични, групни, семејни или тесно партиски интереси.
За жал, тоа е темната страна на овој проект – целосна нетранспарентност. Како и сите работи во нашиот, веќе прославен, ЛЕР.
Затоа, повторно го повикуваме градоначалникот Петрески да одговори на безброј пати повторуваните прашања сврзани со овој сектор, а пред се со финансиските активности и конфликтите на интереси. Имаме ли соодветен производ за потрошените 180. 000 евра или навистина добивме малку музика за многу пари?
Молчењето на администрацијата значи позитивен одговор на поставено прашање“, се вели во соопштението за јавност на ОК ВМРО ДПМНЕ.