Претседателот Бранко Црвенковски да поднесе оставка, побара денеска ВМРО-ДПМНЕ. Според оваа партија претседателот ја злоупотребува државната позиција и го крши Уставот со неговото присуство на партиски состаноци во Велес и Гостивар.
-Бранко Црвенковски од позицијата на која што се наоѓа остварува партиски посети и извршува партиски обврски во корист на политичката партија СДСМ. Тој тоа го прави со државни пари и со државни ресурси кои ги троши исклучиво за партиските активности на СДСМ, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Александар Бичиклиски.
Тој обвини дека Црвенковски покрај настап на на трибина во Велес со државно возило го посетил и огранокот на СДСМ во овој град.
На ова експресно реагираше Кабинетот на претседателот на Република Македонија:
„Изненадени сме од нервозата и паниката која што се пројавува во редовите на владејачката партија, демонстрирана и на последната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Република Македонија, вршејќи ја својата функција, согласно Уставот и законот, има право и обврска да комуницира со граѓаните на Република Македонија и во форма на трибини со граѓани. Исто така, не само што не е забрането, туку е и пожелно Претседателот да комуницира и со политички партии во државата. Притоа претседателот на Република Македонија е подготвен при секоја посета на општините да се сретне и со претставници на локалната власт и со претставници на политичките партии, без разлика дали се од редот на власта или од опозицијата. Доколку таква желба изразат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во било која општина во државата, можат да бидат сигурни дека таква средба ќе се организира.
Што се однесува до користењето на државните возила, истите стандарди кои важат за претседателот на државата, важат и за претседателот на Владата.
Претседателот на Република Македонија е подготвен да даде оставка на функцијата која ја врши, истиот момент кога оставка ќе поднесе премиерот Груевски, кој користејќи ги службените возила и службените овластувања, всушност е многу повеќе ангажиран за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, отколку како претседател на Владата за интересите на граѓаните на Република Македонија“, стои во соопштението од Кабинет на Претседателот на Република Македонија.