Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески и администрацијата со која раководи тој, да се вклучат во пакетот мерки за справување со економската криза што ги донесе Владата, апелираат од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако се има предвид дека глобалната економска криза неспорно ќе има негативно влијание врз туризмот како индустрија најважна за Охрид, сосема е јасно дека локалната самоуправа ќе треба да преземе мерки со кои ќе ги намали непродуктивните расходи и во евентуален ребаланс на општинскиот буџет ќе се вклучи во помошта за намалување на последиците од кризата“, рече денеска на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Јованчо Секулоски.
Од оваа партија повикаа веднаш да се намалат трошоците кои произлегуваат од бројот на службени возила, возачи-вработени во општината, од нефункционални патувања во земјата и надвор од неа на претставници од општинската администрација, од хонорари, како и трошоци за користење за службените мобилни телефони.
„Чувствуваме обврска навремено да реагираме и да го упатиме овој апел како партија која е одговорна, која доби најголема поддршка од граѓаните во општината и која освои најголем број советници во советот на општината“, додаде портпаролот Секулоски.
Од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ на градоначалникот Александар Петрески му беа поставени неколку прашања: колкав е новонастанатиот долг на општината направен со инфраструктурните зафати за време на изборната кампања и колкави се новите оптеретувања на општинскиот буџет заради новите вработувања пред и по изборите во општината и во јавните претпријатија.
Ohridnews