Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ Охрид смета дека е дојдено време да се разобличат лагите и манипулациите на градоначалникот Петрески кој, заедно со неговата партија – СДСМ, го доведоа Охрид до работ на пропаста.

Деновиве сме сведоци на уште еден од низата скандали на локалната власт поддржани од Градоначалникот Петрески. Локалната самоуправа, преку славниот сектор за ЛЕР, распиша скандалозен тендер за набавка на информативни екрани со допир. Не е јасна потребата за набавка на ваква скапа опрема од страна на локалната самоуправа, кога се знае дека на пазарот има многу поефтини решенија, изјави денеска на прес конференција Илија Мојсоски од општинската ВМРО- ДПМНЕ.

Од таму прашуваат врз основ на која програма е распишан тендерот и од која ставка на буџетот е планирано да се исплатат овие средства. Во услови на економска криза беспотребно е да се трошат од 60.000 до 70.000 евра  – пари на граѓаните на Охрид, потенцираат од оваа партија. 

Фактите говорат дека Охрид не е блокиран од никој друг туку, само и единствено, од манипулациите на Градоначалникот Петрески и од неодговорноста на локалната власт. Ние сме одлучни да го блокираме токму незаконското и коруптивното управување со Охрид од страна на локалната власт, додаде Мојсоски.

Ohridnews