По повод неодамнешниот натпис на веб-страницата на Општина Охрид со наслов ГРАЃАНИТЕ РЕАГИРААТ, ОПШТИНАТА БАРА-ВЛАДАТА „ГЛУВА“, кој беше пренесен и од локалните медиуми, со соопштение до јавноста се огласи и општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението се вели:

„Најновата епизода во трагикомичната серија „Бесмислени напади од охридската локална власт врз Владата“ вчера достигна нова длабочина со соопштението насловено „Граѓаните реагираат, општината бара- Владата „глува“.

Коментирајќи го посебниот режим на сообраќај при штотуку одржаниот Регионален економски форум на претседателите од земјите на ЈИЕ, општинското раководство лие солзи (ќе да се крокодилски) за неудобноста што таквиот режим го создава за граѓаните  на Охрид – учесници во сообраќајот, но се „загрижи“ и за брзината и безбедноста на странските делегации и гости. Па смисли генијално решение – да почне да гради северна и источна заобиколница и да ја реконструира улица „Железничка“, зашто, кога таму ќе се пренасочел посебниот режим, сите проблеми волшебно ќе биле решени.

Значи посебниот режим на „Туристичка“ е неподнослив, но на „Железничка“ никому нема да му пречи, зашто веројатно, според градската власт, таму граѓаните – учесници во сообраќајот, се потолерантни. Генијално. Но, што е уште погенијално, Општината јавно си кажа дека не ни планирала навистина да ги изгради, туку, внимавајте, да ја потсети Владата да и „текне“ дека таа – Владата – треба да ја заврши целата работа (поточно, и да ја почне и да ја заврши, бидејќи активностите на оваа градска администрација на овој потег не можат сериозно да се наречат дури ни почеток).

Значи, следејќи ја таа „логика“, ако градоначалникот Петрески фрли песок во езерото, Владата треба да му изгради вештачки острови како тие во Дубаи, а ако направи авионче од хартија, Владата треба да му изгради хелиодром. Како заборави само на пристаништето кај аеродромот со кое ќе ги транспортираше делегациите по воден пат?

Наместо да се занимаваат со оваа неверојатна ментална гимнастика од соопштението, не би било лошо Петрески и тимот да се нафатат за работата за која се избрани и платени. На пример, наместо да се грижат толку за високите делегации, да се загрижат за обичните посетители и туристи, кои првиот контакт со Охрид го имаат на она грдо, несредено паркиралиште, кое само ваква градска администрација може да се осмели да го нарече Градска автобуска станица. Наместо да ја потсетуваат Владата што треба таа да прави, да почнат да ги крпат дупките за да не ни гинат децата возејќи моторцикли. Наместо да ја покажуваат паланечката свест на која и пречи Охрид навистина да стане втор главен град на Македонија, барем во последните месеци на мандатот нешто и да сработат во интерес на граѓаните. Да не ги паметиме само по грдите згради со кои го запоседнаа и нагрдија центарот на градот и градскиот кеј, и по демонстрираната омраза кон сопственото историско наследство, кое би го уништувале немилосрдно само за да си ги наполнат џ…, пардон, градската каса.

Владата, а пред се ВМРО-ДПМНЕ како водечка партија во владината коалиција, направија и секогаш работат толку многу за Охрид, што елементарната култура им налага на претставниците на СДСМ, меѓу кои во моментов најистакнат е градоначалникот Петрески, барем да не измислуваат и критикуваат на вака ниско ниво, кога веќе не се во состојба да оддадат признание. Што се однесува до улицата „Железничка“ нејзината преобразба во современ булевар е предвидена и во партиската програма под насловот „Изградба и модернизација на други патни правци“, но што е уште поважно, и во државните буџети и во 2008 и во 2009, затоа што, за разлика од Петрески и неговата партија, ние своите ветувања ги остваруваме.

СДСМ да зборува за Охрид и нас да не напаѓа за теснопартиски интереси и за тоа дека сакаме да се фалиме со нивните дела за сите охриѓани е истовремено многу смешно… и многу тажно.

Се сомневаме дека Охрид толку многу „плаче“ за заобиколница, но дефинитивно Охрид се повеќе плаче за нов, компетентен градоначалник и нова квалитетна градска управа“, се вели во соопштението од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.